За Шумите
Историјат на шумарството во РМ
Во далечното минато територијата на Р.С. Македонија, како и целиот Балкански полуостров бил покриен со густи и непроодни шуми. Со демографскиот развој на населението, како и постојаниот стремеж за опстанок, ги насочувало луѓето кон максимална експлоатација на природата. Така шумите постојано биле уништувани со опожарување и копачење, со цел да се добијат обработливи површини и пасишта.
Со раздвижувањето на населението на овие простори уште од античко, преку римско, византиско време, турската империја, така и во поново време, со економската миграција, овие површини биле оставени на забот на времето. Под дејство на биотските и абиотските фактори овие површини се доведени во еродирана и деградирана форма, односно гола непродуктивна површина.
Р.С. Македонија се наоѓа во средишниот дел на Балканскиот Полуостров помеѓу 40о50' до 40о и 20' северна географска ширина, 20о 27' и 23о 05' источна географска должина, со вкупна површина од 25.713 км2, на оддалеченост од Егејското Море од околу 60 км воздушна линија и од Јадранското Море 80 км. Од вкупната површината на Р.С. Македонија, 36 проценти се површини покриени со шуми.
Човекот и шумите отсекогаш биле поврзани со нераскинлива врска на меѓусебна зависност и надополнување.
Шумата го следела развојот на човекот и била дел од неговото окружување. Затоа, во сите култури и кај сите народи постои култ кон шумата. Таа е нешто величенствено, дар од природата. Од дамнина будела восхит и страв и поттикнувала мисла дека шумата има необјаснива моќ и сила.
Силата на шумата е во воздухот што го дава, во сенката што ја прави, во водите што течат низ нејзиното зеленило. Шумата е столб на екосистемот. Затоа шумата треба да се чува и да се сака.
За развојот на шумарството во Р.С. Македонија, од минатото не постојат многу пишани документи, така да нема доволно податоци за историскиот развој на шумарството, ниту некои поверодостојни сознанија, во кој временски период каков третман имале шумите.
Меѓутоа според некои сознанија, без разлика во кој временски период, во кое општествено и политичко уредување, демографскиот развој на населението, развојот на индустријата и стопанството ги диктирало се поголемите потреби од техничко и огревно дрво. Оттаму произлегува и стихијниот и екстензивен пристап и однесување кон шумите, всушност шумите едноставно се сечеле и се унуштувале.
Првите сознија за шумите на територијата на Р.С. Македонија ги среќаваме кај познатиот турски патеписец и историчар Евлија Челебија. Тој во своите патеписи, минувајќи низ просторите на тогашна Мкаедонија која била во склоп на Османлиската империја, запишал дека во светиниколско, кога минувал со карванот имал потреба да изнајмува луѓе од месното население кои ги кастреле шумите за караванот непречено да помине.
Ако тое е точно може да се каже дека во тоа време овчепшолскиот крај па и пошироко бил богат со шуми кои за жал денес ги нема.
Се претпоставува дека причината за трајното и делумно исчезнување на шумите од некои простори на Р.С. Македонија се:
- Интензивните сечи на шумите кои биле во непосредна близина, а и подалеку од реката Вардар преку која во тоа време се транспортирале до Солун, а служеле за потребите на турската империја
- Голем придонес имало и ќумурењето, односно сечењто на шумите од кои се правело дрвен јаглен за затоплување на амамите и раскошните одаи на агите и беговите во зимскиот период во поголемите градови-Скопје, Битола, Велес, Куманови и други
- Потреби за дрво од страна на месното население, за огрев, за техничка грaѓа или за лисник со кои се хранеле домашните животни
- Копачење со претходно палење на шумите на рамните места во ридско-планинските предели за добивање на обработливи површини
- Пожарите кои во тој период се случувале, дали со намера, од негрижа или со гром како природен феномен
Првиот пишан документ потекнува од турската империја, пишуван 1858 год. како Рамазански закон, а се однесувал за природата, шуми, пасишта и води. Во 1869 год. е донесен Законот за Шевалие. И уште еден закон е донесен во 1894 год. Со овие закони било нешто регулирано околу правно имотаната состојба, селски шуми, приватни шуми, вакавски шуми, манастирско-црковни шуми за кои биле издавани и документи за сопственост – тапии. Покрај тоа биле одредувани шуми за сеча, забрана за сеча и испаша во млади шуми, наплаќање на такса како и некои други одредби кои се однесуваат на шумите и требало да се спроведат до 1905 година.
Овие одредби, денес, а и во тоа време, како биле спроведувани и почитивани од оваа временска дистанца неможе со сигурност да се каже. Сепак тоа претставува некој почеток за регулирање на правата, обврските и третманот на шумите, од кои некои траги и денес може да се сретнат, како што се вакавски шуми и турски тапии.
Следува бурен временски период на Балканот, политички војни и економски пребивања. Илинденско востание, Младотурска револуција, Балкански војни, Прва светска војна- така што во ваков амбиент и не можело да се очекува некаков однос со почит према шумата.
Веднаш по формирањето на Кралството СХС во 1922 год. е донесен првиот Закон за шумите. Во 1929 год. Кралството се дели на бановини од кои една, во е Вардарската бановина, територија на која е поголемиот дел на денешна Р.С. Македонија. Добар дел од правата, обврските или ингеренциите за шумите биле пренесени на бановините. Бановините пак преку окрузите, срезовите и скупштините на своите органи на власта- народни одбори, донесуваат законски прописи, уредби и укази за третман на шумите. Во овој период се чувствува некој напредок во шумарството. Воведено е шумарство како стопанска гранка. Со Законот за шуми од 1928 год. е регулирана сопственоста на шумата како државна и приватна, со тоа што е воведен катастар и основани земјишни книги. Одредувани се комерцијални шуми во кои може да се извршува сеча. Прогласувани шуми за забрана за вршење сеча и испаша на добиток, претежно млади шуми. Во 1931 год. е воведен порез на шумите, како ограничување на бројот на козите.
Сепак по Втората светска војна во тогашна ФНРЈугославија па и кај нас, шумарството е организирано како модерна стопанска гранка, која одговорно управува и интензивно стопанисува со шумите. Со законски прописи и нивна имплиментација во практична примена се регулира организационата поставеност на шумарството, како и сите постапки и активности за подигање на шумите, одгледување, заштита, уредување и искористување на шумите како во општествена така и во приватна сопственост.
Формирањето на претпријатија како шумски стопанства, кои професионално и стручно ќе се занимаваат со дејностите од областа на шумарството , ќе придонесат за развојот на шумарството и трајност во стопанисување и искористување на шумите.
Во виорот на Втората светска војна поточно 1943 и 1944 год, и по војната како заробеници, бугарите изградиле солиден тврд пат од Штип преку селото Радање за планината Плачковица. Овој пат подоцна ќе одигра значајна улога за стопанисување со шумите.
Првите години после Втората светска војна, земјата била во многу тешка состојба. И тогашните власти на ФНРЈугославија и обичните граѓани се соочиле со многу проблеми, како последица од војната. Опустошена земја, разрушена индустрија, стопанство и инфраструктура, растурено школство и здравство, нарушен животен стандард на луѓето, без никаква економија и финансии. Едноставно кажано земјата доживеала вообичаен крах после војната. Сепак сето тоа требало да се реши и некако да профункционира, некои работи во континуитет, а некои работи требало да се постават на самиот почеток. Како другите гранки во стопанството така и шумарството се нашло во една незавидна состојба. Меѓутоа, во споредба со другите гранки, шумарството било во поспецифична состојба, бидејќи во предвоениот временски период немало свој забележителен развој во континуитет во организирано и современо шумарство. Иако иницијалната фаза за развој на современо шумарство потекнува од предвоениот период, сепак сега требало да се преземат конкретни чекори. За да се тоа спроведе и профункционира во практична примена, требало да помине во постапка и временска дистанца од неколку години. Пред се да се донесат квалитетни законски прописи, со кои ќе се регулира: формирањето организационата поставеност и функционирањето на шумарството како значајна стопанска гранка, со сите свои дејности : подигање на шуми, одгледување, заштита, уредување и искористување на шуми.
После војната и ослободувањето се формира ФНРЈ. Годините 1946-1947, во рамките на тогашна СРМ, донесен е Закон за шуми според кој со шумите управувале Народните Одбори. После тоа, со донесување на Правилникот за стопанисување со шумите во 1975. година, започнува за прв пат планско стопанисување со шумите. Со овој правилник, околу 80% од шумската површина е опфатена со уредувачки елаборати(Планови).
Потребно е да се казе дека со формирањето на Фондот за пошумување на голините во СРМ, во период од 1965-1990. година биле пошумени околу 100 000 ха необрасната површина ширум Р.С.Македонија. Како илустрација се: пошумувањата на Гоцева гора-Демир Капија, Водно -Скопје, пошумувањата од Демир Хисар, Битола, па се до Ресен (голема заслуга на покојниот колега Јанко Влавот од Битола), пошумувањата во паланечко и уште многу други пошумени површини. Во тоа време во СРМ постоеа:
- Секретаријат за земјоделие, шумрство и водостопанство во чија надлежност беа шумите. Со шумите стопанисуваа 30 шумски стопанства кои делуваа како самостојни правни субјекти со посебни жиро сметки. Сите ШС стопанисуваа со шумите според Правилникот за изработка на уредувачките елаборати, по кој за секоја територијална целина ШСЕ се изработувале шумско-стопански планови со важност од 10 години.
- Се до 1976. година гордоста на македонското шумарство беше Шумарскиот институт, формиран 1676/77 година во село Горно Врановци.
- Како високостручна , просветна установа за едукација на стручен кадар во шумарството бел Шумарскиот факултет, формиран во 1947 година.
- Како стручна установа за проектирање и уредување на шуми формирана во 1952. година, беше Заводот за уредување шуми и патишта-Шумапроект.
- Во тој период, исто така во рамките на Стопанската комора постоело Здружение на инженери и техничари во областа на шумарството и дрвната индустрија, а постоело и Здружение на пријатели на шумите.