За Шумите
Пошумување
ЈП“Национални шуми“ користењето на шумите го врши плански согласно Посебните планови за стопанисување со шуми, на начин кој обезбедува трајно зачувување на нивната површина и зголемување на вредноста на шумите, постојано зголемување на нивниот прираст и принос како и зачувување и унапредување на нивните општокорисни функции кои се во насока на одржлив развој и унапредување на животната средина.
Активностите во делот на одгледувањето на шумите, се базираат на обврските кои се пропишани со Посебните планови за стопанисување со шумите.
Со членот 94 од Законот за шуми, регулиран е начинот на издвојување и користење на средствата за проста репродукција на шумите. Средства за проста репродукција на шуми издвојуваат субјектите кои стопанисуваат со шумите во државна сопственост во висина од 10% од вредноста на исеченото дрво, франко камионски пат во шума. Овие средства се наменски и се користат за одгледување и заштита на постојните шуми, за изградба на шумски патишта, за техничко опремување заради вршење на работи за заштита на шумите и изработка на планови за стопанисување со шумите.
Согласно член 95 од Законот за шумите за работите на проширена репродукција на шуми средства обезбедуваат: субјектите кои стопанисуваат со шумите во државна сопственост во висина од 3% од вредноста на исеченото дрво на франко камионски пат, сопствениците на шуми во приватна сопственост во висина од 3% од вредноста на исеченото дрво на франко камионски пат, како и правните субјекти што вршат промет на дрво во висина од 3% од вредноста на продаденото дрво и од Буџетот на РМ. Средствата за проширена репродукција на шумите се користат според годишна Програма што ја донесува Владата на РС Македонија. Согласно Програмата за проширена репродукција на шумите, средствата најчесто се користат за:
1. Пошумување на голини и ерозивни земјишта;
2. Отстранувања на последиците од шумски пожари во рамките на една шумско стопанска единица преку вештачка обнова;
3. Заштита на шумите и шумските култури од растителни болести и штетници;
Исплатата на средствата за реализација на работите од Програмата за проширена репродукција на шумите, се врши врз основа на склучени договори помеѓу Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и извршителите на работите и врз основа на документација за извршени работи.
Пошумувањата предвидени според Посебните планови за стопанисување со шуми се реализираат во неколку фази според предвидената динамика, обработка на почвата (механизирана или рачна обработка на почвата, а во зависност од теренските услови). Изборот на дрвните видови за пошумување на предвидените површини е според едафско-климатските и педолошки услови, адаптибилни за успешнa прифатеност и понатамошен развиток на садниците. Во зависност од надморската височина и географската местоположба на локалитетите се пошумува со дрвни видови кои се адекватни во согласност со педолошката структура на почвените и климатските услови.