Акција "Ден на дрвото-Засади ја својата иднина"-есенско пошумување
Есенското пошумување од акција "Ден на дрвото-Засади ја својата иднина", ќе се одржи на 19. ноември, 2008 година, на целата територија на Република Македонија, после одлагањето од 29. октомври.
Планирано е да се засадат 6 милиони садници, на локации ширум државата. Покровител на акцијата е Владата на Република Македонија, а ЈП "Македонски шуми" има активно учество во акцијата. Вклучувајќи се во акцијата Ден на дрвото, стручниот тим на ЈП“Македонски шуми” направи избор на садници за пошумување од лисјарски и четинарски дрвни видови произведени по класичен и контејнерски начин во расадниците на ЈП “Македонски шуми” и направи стручна подготовка на теренот за пошумување, со активирање на механизација потребна за непречено одвивање на акцијата, како и обезбедување на стручна помош и логистика при самото пошумување. Покрај останатите активности стручниот тим, ги определи и локациите за пошумување на територијата на целата држава, со што се постигна целта на позитивно влијание на локално, регионално и глобално ниво. На пролетното пошумување на 12.март, 2008 година, беа засадени 2 035 000 дрвца, онолку колку што Република Македонија има жители. Во есенското пошумување е планирано пошумување со 6 милиони садници, за што се очекува масовна излезност на граѓаните на местата на пошумување и рушење на рекордот на излезност во една акција (пролетното пошумување). Акцијата е медиумски поддржана и прифатена од сите релевантни учесници во државата.
За да засадиме повеќе од 6. 000. 000 дрвца потребна е и твојата помош!
Поддржи ја акцијата и засади барем едно дрво!