За Шумите
Шумите во Р.С. Македонија
Р.С. Македонија се простира на површина од 2 543 200 ха. Според најновите податоци од Посебните планови за стопанисување со шумите кои се за стопанска намена (состојба,2008.година), вкупната шумска површина во РСМ изнесува 1.091.857,59ха, од кои 835.055,82ха се вкупно обрасната површина и 256.801,77ха необрасната шумска површина(голини).
Треба да се напомене дека има уште 80 000 ха или 7,32% шуми и шумско земјиште со мало стопанско значење, за кои нема изработено Шумско -стопански основи.
Во обрасната шумска површина влегуваат 255.444,74ха високостеблени шумски насади, 546.179,40ха нискостеблени шумски насади, 14.459,50ха шумски култури и 18.978,18ха се шикари.
Вкупната дрвна резерва според истиот извор на податоци изнесува 75.939.573 м3, односно 91 м3/ха. Вкупниот годишен прират изнесува 1.616.782 м3, односно 1,93 м3/ха.
Вкупниот предвиден етат за 10 години изнесува 10.948.149 м3, или годишно 1.094.815м3. Неговата искористеност изнесува 75%.
Според Статистички годишник на Р.С. Македонија 2004(10.01.Шумарство), Државен завод за статистика на Р.С. Македонија, шумите во државна сопственост зафаќаат 90,14%од вкупната шумска површина, додека вкупното учество од дрвна резерва изнесува 92,20%. Приватните шуми зафаќаат 9,86%од вкупната шумска површина , со вкупно учество во дрвната резерва од 7,8%.
Шумарството во Р.С. Македонија е стопанска гранка која во Бруто Националниот Производ учесвува со 0,3 до 0,5 %, меѓутоа, ако се валоризираат опшокорисните функции, придонесот е значително поголем.
Стопанисувањето со шумите во Р.С. Македонија е засновано врз комплексност, многуфункционалност и трајност во производството, при што се води сметка за здравиот однос кон шумите, еколошките принципи за зачувување на животната средина и нега и обновување на шумите.
Шумите зафаќаат скоро една третина од копното на Планетата Зeмја и по правило се наоѓаат на оние локалитети каде, заради неповолна клима, неплодно земјиште, непристапни терени и конфигурација на земјиштето, не се погодни за земјоделство производство или друга намена. Според прегледот на апсолутна од 35% и релативна шумовитост од 0,47ха на жител, Р.С. Македонија, со површина 2 571 000 ха и број на жители 1 909 000 и обраснато шемјиште 835.055,82ха, се наоѓа долниот дел на прегледите во регионот (пред Словенија и Црна Гора).
Природните услови во Р.С. Македонија условени од местоположбата, климата, релјефот, педолошко-геолошката градба на теренот, хидролошко-хидрографските карактеристики и друго, овозможуваат опстанок и развој на голем број растителни и животински видови. Поради тоа, нашата држава се вбројува во земјите со богат биодевирзитет. Голем број на растителни и животински видови се реликти и ендемити.
Дендрофлората на Р.С. Македонија ја сочинуваат 319 видови дрвја и грмушки со повеќе од 80 подвидови и вариетети во рамките на 119 родови и 54 фамилии, а 16% од вкупниот број на видовите се балкански ендемити или субендемити. Според досегашните истражувања шумските видови дрвја и грмушки формираат 81 шумска фитоценоза во рамките на 31 сојуз, 11 родови и 6 класи.
Врз основа на многубројните општокорисни функции на шумите, Р.С. Македонија ги гледа шумите како дел од националното богатство, односно наследство. Потврда за тоа е Уставот на Р.С. Македонија каде "сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита".
Традиционално, шумите и шумското земјиште од страна на општеството најчесто се сфатени како ресурс кој дава материјални добра, во прв ред дрво и други шумски производи како лековити растенија, делови од растенија, печурки, плодови, и сл. Покрај економската функција, шумите имаат и многубројни други корисни функции за општеството како што се: одморот и рекреацијата на луѓето; многустрана заштитна функција особено во поглед на заштита на биодиверзитетот и запирање на ерозијата; благопријатно влијание врз климата и режимот на водите; производството на кислород и квалитетот на животната средина итн. Во последните години особено големо значење добива улогата на шумите во врзувањето (намалување) на јаглеродниот диоксид како еден од гасовите кои придонесуваат за ефектот на стаклена градина. Овие и други значајни функции на шумите се во корелација со нивната состојба и структура, како по површина, така и според квалитет.
Економската, социјалната и еколошката функција на шумите се од огромно значење за одржливиот развој на општеството и за подобрување на квалитетот на животот, особено во руралните и планински подрачја.
Со државните шуми во Р.С. Македонија стопанисува Јавното претријатие за стопанусување со шуми во државна сопственост ЈП"Национални шуми". Јавното претпријатие, и во овој период, аналогно на постоењето на секое друго битие, поминува низ разни и сложени периоди со бројни проблеми и противречности, кои повеќе и или помалку успешно ги решава.
ЈП "Национални шуми" е формирано со одлука на Владата на Р.С. Македонија од 15. 12. 1997. година, а со работа започна на 01. 07. 1998. како правен следбеник на повеќе стопански објекти кои до формирањето стопанисуваа со државните шуми.
Во првите години на независноста, Р.С. Македонија влезе во многу тежок транзициски период во кој требаше брзо да го реконструира економскиот и политичкиот систем, а со тоа и своето стопанство. Периодот на транзиција беше дополнително отежнат поради сложената социјална и економска состојба.
Бројните негативни појави во развојот на севкупното општество и економијата, влијаеа и на шумарскиот сектор. И покрај тешката економска положба и наследените дубиози ЈП "Национални шуми" функционира како важен стопански субјект во Р.С. Македонија, следејќи ги политичките и економските промени во Р.С. Македонија во согласност со евроинтеграциските процеси кои налагаат приоритети и фокусирање кон општокорисните функции на шумата и нејзиното стопанисување, интегрирајќи се во многу поширок контекст во кој заштитата, биодиверзитетот и грижата за природата и животна средина се ставени во прв план.
Р.С. Македонија има потпишано и ратификувано многу меѓународни договори и конвенции за заштита на шумите и животната средина кои влијаат врз шумарскиот сектор. Ориентацијата на земјата кон Европската Унија бара хармонизација на шумарската политика со обврските кон неа.
Реалните услови во моментов ја налагаат потребата за создавање ефикасен систем за многуфункционално стопанисување со шумите и развој на модерна дрвна индустрија со високи стандарди.
За Шумите
Историјат на шумарството во РМ
Во далечното минато територијата на Р.С. Македонија, како и целиот Балкански полуостров бил покриен со густи и непроодни шуми. Со демографскиот развој на населението, како и постојаниот стремеж за опстанок, ги насочувало луѓето кон максимална експлоатација на природата. Така шумите постојано биле уништувани со опожарување и копачење, со цел да се добијат обработливи површини и пасишта.
Со раздвижувањето на населението на овие простори уште од античко, преку римско, византиско време, турската империја, така и во поново време, со економската миграција, овие површини биле оставени на забот на времето. Под дејство на биотските и абиотските фактори овие површини се доведени во еродирана и деградирана форма, односно гола непродуктивна површина.
Р.С. Македонија се наоѓа во средишниот дел на Балканскиот Полуостров помеѓу 40о50' до 40о и 20' северна географска ширина, 20о 27' и 23о 05' источна географска должина, со вкупна површина од 25.713 км2, на оддалеченост од Егејското Море од околу 60 км воздушна линија и од Јадранското Море 80 км. Од вкупната површината на Р.С. Македонија, 36 проценти се површини покриени со шуми.
Човекот и шумите отсекогаш биле поврзани со нераскинлива врска на меѓусебна зависност и надополнување.
Шумата го следела развојот на човекот и била дел од неговото окружување. Затоа, во сите култури и кај сите народи постои култ кон шумата. Таа е нешто величенствено, дар од природата. Од дамнина будела восхит и страв и поттикнувала мисла дека шумата има необјаснива моќ и сила.
Силата на шумата е во воздухот што го дава, во сенката што ја прави, во водите што течат низ нејзиното зеленило. Шумата е столб на екосистемот. Затоа шумата треба да се чува и да се сака.
За развојот на шумарството во Р.С. Македонија, од минатото не постојат многу пишани документи, така да нема доволно податоци за историскиот развој на шумарството, ниту некои поверодостојни сознанија, во кој временски период каков третман имале шумите.
Меѓутоа според некои сознанија, без разлика во кој временски период, во кое општествено и политичко уредување, демографскиот развој на населението, развојот на индустријата и стопанството ги диктирало се поголемите потреби од техничко и огревно дрво. Оттаму произлегува и стихијниот и екстензивен пристап и однесување кон шумите, всушност шумите едноставно се сечеле и се унуштувале.
Првите сознија за шумите на територијата на Р.С. Македонија ги среќаваме кај познатиот турски патеписец и историчар Евлија Челебија. Тој во своите патеписи, минувајќи низ просторите на тогашна Мкаедонија која била во склоп на Османлиската империја, запишал дека во светиниколско, кога минувал со карванот имал потреба да изнајмува луѓе од месното население кои ги кастреле шумите за караванот непречено да помине.
Ако тое е точно може да се каже дека во тоа време овчепшолскиот крај па и пошироко бил богат со шуми кои за жал денес ги нема.
Се претпоставува дека причината за трајното и делумно исчезнување на шумите од некои простори на Р.С. Македонија се:
- Интензивните сечи на шумите кои биле во непосредна близина, а и подалеку од реката Вардар преку која во тоа време се транспортирале до Солун, а служеле за потребите на турската империја
- Голем придонес имало и ќумурењето, односно сечењто на шумите од кои се правело дрвен јаглен за затоплување на амамите и раскошните одаи на агите и беговите во зимскиот период во поголемите градови-Скопје, Битола, Велес, Куманови и други
- Потреби за дрво од страна на месното население, за огрев, за техничка грaѓа или за лисник со кои се хранеле домашните животни
- Копачење со претходно палење на шумите на рамните места во ридско-планинските предели за добивање на обработливи површини
- Пожарите кои во тој период се случувале, дали со намера, од негрижа или со гром како природен феномен
Првиот пишан документ потекнува од турската империја, пишуван 1858 год. како Рамазански закон, а се однесувал за природата, шуми, пасишта и води. Во 1869 год. е донесен Законот за Шевалие. И уште еден закон е донесен во 1894 год. Со овие закони било нешто регулирано околу правно имотаната состојба, селски шуми, приватни шуми, вакавски шуми, манастирско-црковни шуми за кои биле издавани и документи за сопственост – тапии. Покрај тоа биле одредувани шуми за сеча, забрана за сеча и испаша во млади шуми, наплаќање на такса како и некои други одредби кои се однесуваат на шумите и требало да се спроведат до 1905 година.
Овие одредби, денес, а и во тоа време, како биле спроведувани и почитивани од оваа временска дистанца неможе со сигурност да се каже. Сепак тоа претставува некој почеток за регулирање на правата, обврските и третманот на шумите, од кои некои траги и денес може да се сретнат, како што се вакавски шуми и турски тапии.
Следува бурен временски период на Балканот, политички војни и економски пребивања. Илинденско востание, Младотурска револуција, Балкански војни, Прва светска војна- така што во ваков амбиент и не можело да се очекува некаков однос со почит према шумата.
Веднаш по формирањето на Кралството СХС во 1922 год. е донесен првиот Закон за шумите. Во 1929 год. Кралството се дели на бановини од кои една, во е Вардарската бановина, територија на која е поголемиот дел на денешна Р.С. Македонија. Добар дел од правата, обврските или ингеренциите за шумите биле пренесени на бановините. Бановините пак преку окрузите, срезовите и скупштините на своите органи на власта- народни одбори, донесуваат законски прописи, уредби и укази за третман на шумите. Во овој период се чувствува некој напредок во шумарството. Воведено е шумарство како стопанска гранка. Со Законот за шуми од 1928 год. е регулирана сопственоста на шумата како државна и приватна, со тоа што е воведен катастар и основани земјишни книги. Одредувани се комерцијални шуми во кои може да се извршува сеча. Прогласувани шуми за забрана за вршење сеча и испаша на добиток, претежно млади шуми. Во 1931 год. е воведен порез на шумите, како ограничување на бројот на козите.
Сепак по Втората светска војна во тогашна ФНРЈугославија па и кај нас, шумарството е организирано како модерна стопанска гранка, која одговорно управува и интензивно стопанисува со шумите. Со законски прописи и нивна имплиментација во практична примена се регулира организационата поставеност на шумарството, како и сите постапки и активности за подигање на шумите, одгледување, заштита, уредување и искористување на шумите како во општествена така и во приватна сопственост.
Формирањето на претпријатија како шумски стопанства, кои професионално и стручно ќе се занимаваат со дејностите од областа на шумарството , ќе придонесат за развојот на шумарството и трајност во стопанисување и искористување на шумите.
Во виорот на Втората светска војна поточно 1943 и 1944 год, и по војната како заробеници, бугарите изградиле солиден тврд пат од Штип преку селото Радање за планината Плачковица. Овој пат подоцна ќе одигра значајна улога за стопанисување со шумите.
Првите години после Втората светска војна, земјата била во многу тешка состојба. И тогашните власти на ФНРЈугославија и обичните граѓани се соочиле со многу проблеми, како последица од војната. Опустошена земја, разрушена индустрија, стопанство и инфраструктура, растурено школство и здравство, нарушен животен стандард на луѓето, без никаква економија и финансии. Едноставно кажано земјата доживеала вообичаен крах после војната. Сепак сето тоа требало да се реши и некако да профункционира, некои работи во континуитет, а некои работи требало да се постават на самиот почеток. Како другите гранки во стопанството така и шумарството се нашло во една незавидна состојба. Меѓутоа, во споредба со другите гранки, шумарството било во поспецифична состојба, бидејќи во предвоениот временски период немало свој забележителен развој во континуитет во организирано и современо шумарство. Иако иницијалната фаза за развој на современо шумарство потекнува од предвоениот период, сепак сега требало да се преземат конкретни чекори. За да се тоа спроведе и профункционира во практична примена, требало да помине во постапка и временска дистанца од неколку години. Пред се да се донесат квалитетни законски прописи, со кои ќе се регулира: формирањето организационата поставеност и функционирањето на шумарството како значајна стопанска гранка, со сите свои дејности : подигање на шуми, одгледување, заштита, уредување и искористување на шуми.
После војната и ослободувањето се формира ФНРЈ. Годините 1946-1947, во рамките на тогашна СРМ, донесен е Закон за шуми според кој со шумите управувале Народните Одбори. После тоа, со донесување на Правилникот за стопанисување со шумите во 1975. година, започнува за прв пат планско стопанисување со шумите. Со овој правилник, околу 80% од шумската површина е опфатена со уредувачки елаборати(Планови).
Потребно е да се казе дека со формирањето на Фондот за пошумување на голините во СРМ, во период од 1965-1990. година биле пошумени околу 100 000 ха необрасната површина ширум Р.С.Македонија. Како илустрација се: пошумувањата на Гоцева гора-Демир Капија, Водно -Скопје, пошумувањата од Демир Хисар, Битола, па се до Ресен (голема заслуга на покојниот колега Јанко Влавот од Битола), пошумувањата во паланечко и уште многу други пошумени површини. Во тоа време во СРМ постоеа:
- Секретаријат за земјоделие, шумрство и водостопанство во чија надлежност беа шумите. Со шумите стопанисуваа 30 шумски стопанства кои делуваа како самостојни правни субјекти со посебни жиро сметки. Сите ШС стопанисуваа со шумите според Правилникот за изработка на уредувачките елаборати, по кој за секоја територијална целина ШСЕ се изработувале шумско-стопански планови со важност од 10 години.
- Се до 1976. година гордоста на македонското шумарство беше Шумарскиот институт, формиран 1676/77 година во село Горно Врановци.
- Како високостручна , просветна установа за едукација на стручен кадар во шумарството бел Шумарскиот факултет, формиран во 1947 година.
- Како стручна установа за проектирање и уредување на шуми формирана во 1952. година, беше Заводот за уредување шуми и патишта-Шумапроект.
- Во тој период, исто така во рамките на Стопанската комора постоело Здружение на инженери и техничари во областа на шумарството и дрвната индустрија, а постоело и Здружение на пријатели на шумите.
За Шумите
Географски карактеристики на Р.С. Македонија
Р.С. Македонија е пространствено мала. Најголемото растојание по воздушна линија во насока север југ изнесува околу 15 км, а во насока исток-запад околу 210 км. Во тој мал простор се јавува голема хетерогеност на почвениот прекривач.
Кај нас има и голем број геолошки формации со различна старост, различен географски и гранулометриски состав. Присутно е влијанието и на повеќе клими (континентална, медитеранска, планинска) чиишто елементи варираат во широки граници и се јавува голем број различни растителни асоцијации. Поради долготрајното дејство на педогенетските фактори нашите почви во текот на времето се менувани така што достигнале различен степен на еволуција. Кон сето тоа треба да се додаде и долготрајното дејство на човекот кое ја има изменето насоката на природните педогентески процеси на многу наши почви.
Р.С. Македонија е континентална земја, во центарлниот дел на Балканскиот Полуистров , помеѓу 40° 50’ и 42° 20’ СГШ и помеѓу 20° 27’ 30" и 23° 05’ ИГД. СЕ граничи со Албанија на запад (191 км), Грција на југ (262 км) , Бугарија на исток (165 км) и со Србија на север (231 км). Вкупната должина на границата изнесува 849 км, со вкупна површина од 25.713 км2.
Релјеф
Р.С. Македонија има многу сложена геологија и развиен релјеф, што доведува до големи варијации на почвени типови.
Планините претставуваат големи релјефни форми кои покриваат приближно две третини од територијата на земјата. Тие се дел од старата Родопска група, во источниот дел и младата Динарска група, во западниот дел од државата. Родопската група планини се пониски од 200 метри, со највисок врв Руен 2252 метри на Осоговските планини. Динарските се многу повисоки и се издигнуваат преку 2500 метри, со највисокиот врв во Македонија Голем Кораб - 2764 метри. Помеѓу овие две планински групи се наоѓа Вардарската зона , по должината од двете страни на реката Вардар и Пелагонискиот хорст антиклинориум во централниот дел на земјата.
Котлините и поголемите полиња ги пресекуваат планинските релјефни структури, покривајќи околу една третина од површината на државата. Највпечатливи се оние долини кои се протегаат по должината на реката Вардар, вклучувајќи ја Скопската котлина (1840 км2), додека најголемата рамнина е Пелагониската висорамнина, во југозападниот дел од државата која зафаќа површина од околу 4000 км2, со просечна надморска височина од 600 метри.
Карстниот релјеф е специфичен за Р.С. Македонија и најповеќе е застапен во палеозојските, мезозојските, палеогените и неогените, варовници, кои се наоѓаат главно во централниот дел и западниот дел на државата. Рељефот вклучува површински карстни форми на шкрапи, вртачи, ували и карстни полиња, како и подземни рељефни форми, вклучувајќи 164 пештери и 12 јами и понори.
Хидрографија
Македонија се смета за богата со води, со евидентирани и картирани 4,414 извори, чиј вкупен годишен капацитет достигнува 6,63 милијарди м3 вода. Во хидролошка смисла Р.С. Македонија е поделена меѓу трите водни слива на Јадранско Море (15% од територијата), со главната утока, реката Црн Дрим; Егејското Море (85% од територијата) , со реките Вардар и Струмица, како најголеми водени текови и Црното Море, чиј слив има незначителна територија.
Вардар е најголемата река со околу 80 % од целокупниот воден истек од Р.С.Македонија. Неговата вкупна должина изнесува 388 км, од кои 300 км течат во Р.С.Македонија, додека остатокот е во Грција. На истекот од Македонија, тој има проток од 174 м2/сек. Поголеми десни притоки на реката Вардар со Црна Река (207 км должина) и реката Треска (138 км), додека најдолгите леви се реката Брегалница (225 км) и реката Пчиња (135 км).
Како земја која не излегува на море, Р.С. Македонија е горда на своите природни и вештачки езера. Од природните езера, најатрактивни се тектонските езера: Охридското, Преспанското и Дојранското езеро. Охридското езеро е најголемо, со површина од 358.8 мк2, од кои 229.9 км2 и припаќаат на Македонија, а остатокот на Албанија. Најмалото Дојранско Езеро, за разлика од претходните две кои се лоцирани во западниот дел од државата, е сместено во југоисточниот дел и има површина од 42.7 км2, поделена со Грција.
Клима
Кога Р.С. Македонија и соседните области би биле рамни, тие би имале многу поизразена медитеранска клима, ако се суди по географската широчина и близината на морињата. Секундарните фактори (сложена релјефна структура, надморска височина) силно го модифицираат медитеранското влијание.
Поради специфичните природни и географски карактеристики, во Р.С.Македонија има два главни типа на клима: изменета медитеранска и умерено континентална. Од тука, се истакнуваат две годишни времиња: студени, влажни зими и суви, топли лета, поврзани со преодните сезони, пролет и есен. Пролетта почнува порано, а есента подоцна. Есента (особено октомври) е потопла од пролетта (април). Дополнително, на високите планински предели постои планинска клима која се карактеризира со кратки и студени лета и значително студени и умерено влажни зими, кадешто врнежите се претежно снежни.
Просечната годишна температура е голема (над 14 - 15 ° Ц), средното годишно колебање е мало (под 20° Ц). Апсолутно колебање на температурата е помало (обично под 50 ° Ц). Во планинските климатски предели, средните годишни температури се : 4,7 ° Ц на Попова Шапка (1750 м), 6,8 ° Ц во Лазарополе (1330 м), и 8,2 ° Ц во Крушево (1230 м).
Умерено-континенталната клима (источно-европска варијанта) се одликува со изразено студени зима со подолг мразен период, со поголем број мразни денови, со средна месечна температура во најстудениот месец под нулата, со ниски средни минимални температури и ниски апсолутни минимуми и со помалку врнежи. Летата и вегетациониот период во споредба со медитеранската клима се пократки, со ниска релативна влажност и со помалку летни и тропски деновив. Преодот од летото кон зимата и од зимата кон летото е релативно брз. Средната годишна температура е пониска отколку во медитеранската клима, но средното годишно и апсолутно годишно колебање се изразито високи. Количеството на врнежите и релативното годишно колебање на врнежите се помали. Врнежи има повеќе во потоплиот дел од годината ( V и VI). Тие често имаат пороен карактер.
Планинската клима се јавува во особено изразита форма во највисоката (алпската) планинска зона, а нешто во послаб изразит вид во субалпскиот појас. Оваа клима се одликува со ниски просечни годишни температури (околу 0 ° Ц), со изразено студени зими (најстудениот месец просечно под - 5 ° Ц). Просечните месечни температури се под 0 во текот на 5-6 месеци и мошне е голем бројот на мразни денови (3-4 месеци). Оваа клима се одликува со не толку ниски апсолутни минимуми (до - 24 ° Ц), со мали средни (под 20 ° Ц) и апсолутни амплитуди (под 60 ° Ц), со кратки и студеникави лета (со просечни температури под 10 ° Ц без супни периоди) и со изразено потопла есен од зима. Големо е количеството на врнежи и плувиометрискиот режим добива континентален карактер.
За позначајно навлегување на медитеранската клима од југ, од Солунскиот Залив, пречат високите планини (Баба, Ниџе, Козјак, Кожуф, Неретска Пл. , Беласица). Таа навлегува кон север по долината на реката Вардар, по долината на реките Струма и Струмешница (од Орканскиот Залив), во слаба форма низ Кизли-Дервентската Клисура, по долината на јужната притока на Дојран. Во поизразена форма с јавува до Демир Капија (Гевгелиско, Валандовско, југозападен дел на СТрумичко). Во ослабната форма (модифицирана) под влијание на континенталната клима таа навлегува по долината на Вардар се до Скопската Котлина, по долината на Црна Река (преку Тиквеш и )
Биолошка разновидност
Р.С. Македонија ја ратификуваше Конвенцита за билошка разновидност во 1997 година и стана Страна на конвенцијата на 2 март 1998 година.
Оценката на статусот на биолошката разновидност и нејзината засегнатост, е направена со цел да се откријат општите аспекти на нејзината заштита, заедно со другите глобални закани, како што се климатските промени и деградација на земјиштето. Најпечатливи одлики на билошката разновидност во Р.С. Македонија претставуваат нјголема хетерогеност и високиот степен на реликтност и ендемизам.
Флора
Вегетацијата на Р.С. Македонија претставува мозаик на разновидни заедници со претставници од различни вегетациски типови. Во однос на нижите растителни групи во земјата, алгите претставуваат особено разновидна група организми, од која досега се утврден вкупно 1580 видови. Габите претставуваат хетерогена група организми, а со досегашните проучувања регистрирани се 1250 видови, додека кај лишаите тој број изнесува околу 340 видови.
Флората на вишите растителни групи е прилично богата, со мозаик на разновидни флоровегетациски елементи (терцијарни реликти, медитерански, грчко-анатолски, алирски, кавкасни, средноевропски, евроазиски, арктоалпски и космополитски) и голем број на ендемски видови (Национални, јужнобалкански и балкански). Флората ја претставуваат 210 фамилии, 920 родови и околу 3700 видови. Најмногубројната група се цветните скриеносемени растенија, со околу 3.200 видови, мовови (350), папрати (42) и големосемените растенија (15).
Помеѓу нижите растителни групи, алгите се претставени со најголем ендемизам, со 135 ендемски таксони или 8,5 % од вкупната флора на алги. Поголемиот број се забележани во ОХридското и преспанското Езеро, помал број во Дојранското Езеро, на планината Пелистер и во реката Бабуна. Во флората на вишите растителни групи, исто така, постојат многу ендемски видови (вкупно 117 видови), а најмногу се регистрирани помеќу скриеносемените растенија (114).
За Шумите
Етат
Етатот се планира врз основа на Плановите за стопанисување со шумите за стопанска-економска намена.
Во секоја претходна, за наредната година, врз основа на плановите за стопанисување со шумите, на ниво на подружници и ЈП "Национални шуми", се изготвуваат и донесуваат Производно-финансиски планови.
Користењето на етатот од страна на Јавното претпријатие не е во сооднос со предвидениот. Коефициентот на користење на сечивиот етат се движи околу 0,70 во однос на можниот предвиден со посебните планови за стопанисување со шумите. Овој проблем е тесно сврзан со планирањето на обемот на сечите, отвореноста на шумите, сезонскиот карактер на патната инфраструктура, несоодветна и застарена механизација, нелојална конкуренција на пазарот на огревно дрво и сл. На пазарот е присутна нелојална конкуренција од продажба на дрво од страна на приватни лица кои нудат нелегално посечено дрво во државна шума, без дозвола. Нелегалната сеча се одвива на најразлични начини и по најразлични канали и претставува голем проблем за шумарството и фонкционирањето на ЈП. Поради наведените причини големи количини на дрво во Јавното претпријатие остануваат на плацовите (за подоцна да се декласираат) и тоа во услови на нецелосно искористен етат, со што се нанесуваат огромни штети и загуби.
За Шумите
ЕКОЛОГИЈА И ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА
Заштитата на шумите со еколошки пристап, е принцип според кој функционира ЈП Национални шуми, согласно прописите и програмите на сите релевантни институции во државата.
Заштитата на шумите е систем на мерки и активности кои се спроведуваат со цел да се обезбеди опстанок на шумите, зачувување на здравствената состојба и виталност на шумите од противправно присвојување и користење, пожари, растителни болести и штетници, бесправни сечи, противправно собирање на други шумски производи и други оштетувања. За заштита на шумите и шумските култури од растителни болести и штетници се утврдуваат средствa преку Програмата за проширена репродукција на шумите. Активностите се во насока на превентивна заштита на шумите и шумските култури преку организирана Извештајно дијагнозно прогнозна служба (ИДП служба). Заштита на шумите и шумските култури од растителни болести и штетници се врши со превентивна заштита на шумите и шумските култури од потенцијалните штетници кои може да загрозат поголеми шумски простори, организирана преку Извештајно дијагнозно прогнозна служба (ИДП служба) за шумите во Р.С.Македонија. Шумарскиот факултет–Скопје, до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како извршител на работите доставува Извештај за здравствената состојба на шумите во Р.С.Македонија на годишно ниво со предлог мерки. За оваа намена се обезбедуваат финансиски средства од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку Програмата за проширена репродукција на шумите.
Шумска екологија е научна студија за меѓусебно поврзаните процеси, флората, фауната и екосистемите во шумите. Управувањето со шумите е познато како шумарство, шумска култура и управување со шумите. Шумскиот екосистем е природна шумска единица која се состои од сите растенија, животни и микроорганизми (биотички фактори), во таа област функционирајќи заедно со сите фактори на неживата природа (абиотички) во животната средина. Дрвата се многу важен составен дел од шумското истражување, но широкиот спектар и другите живи форми и абиотички компоненти во повеќето шуми значи дека другите елементи како дивиот свет или хранливите материи на почвата често се централна точка. Според тоа шумската екологија е мошне разновидна и важна гранка за еколошкото истражување.
Разновидност и комплексност на заедницата Со оглед на тоа дека дрвјата растат многу поголеми за разлика од другите живи форми на растенијата, постои можност за разни шумски структури (или физиономии). Покрај тоа често важен дел за биомасата на шумскиот екосистем е подземјето, каде што структурата на почвата, квалитетот и квантитетот на водата и нивоата на разните хранливи состојки на почвата може да се појават во голема мера. Така шумите често се многу хетерогени средини во споредба со другите заедници на копнени растенија.
Шумите акумулираат големи количини на постојана биомаса, а многу се во состојба истата да ја акумулираат со голема брзина, односно тие се многу продуктивни. Исто така во шумите со висока продуктивност, брзиот раст на дрвјата предизвикува биотички промени и промени во животната средина, иако при побавниот и послаб интензитет на растење за разлика од релативниот, настануваат непосредни нарушувања како што се шумските пожари. Материјалот од дрвата често се нарекува (паднати мртви дрва), тој во многу шуми се распаѓа релативно бавно во споредба со повеќето други органски материјали, како последица на комбинацијата од факторите на животната средина и хемиските соединенија кај дрвјата. Дрвјата растат во суви и/или студени средини , но тоа се одвива многу бавно. Според тоа стеблата и гранките можат долг период да останат на шумското тло, што влијае на работи како што се живеалиштата на дивиот свет, пожарите и процесот на регенерација.
На крајот шумските дрвја чуваат големи количини вода поради нивните големи димензии и анатомски/физиолошки карактеристики. Тие се важни регулатори на хидролошките процеси, особено оние кои вклучуваат подземно хидролошко и локално испарување. Според тоа шумските еколошки истражувања понекогаш се тесно регулирани со метеоролошките и хидролошките истражувања во регионалните екосистеми или истражувања за планирање на ресурсите.
За Шумите
Пошумување
ЈП“Национални шуми“ користењето на шумите го врши плански согласно Посебните планови за стопанисување со шуми, на начин кој обезбедува трајно зачувување на нивната површина и зголемување на вредноста на шумите, постојано зголемување на нивниот прираст и принос како и зачувување и унапредување на нивните општокорисни функции кои се во насока на одржлив развој и унапредување на животната средина.
Активностите во делот на одгледувањето на шумите, се базираат на обврските кои се пропишани со Посебните планови за стопанисување со шумите.
Со членот 94 од Законот за шуми, регулиран е начинот на издвојување и користење на средствата за проста репродукција на шумите. Средства за проста репродукција на шуми издвојуваат субјектите кои стопанисуваат со шумите во државна сопственост во висина од 10% од вредноста на исеченото дрво, франко камионски пат во шума. Овие средства се наменски и се користат за одгледување и заштита на постојните шуми, за изградба на шумски патишта, за техничко опремување заради вршење на работи за заштита на шумите и изработка на планови за стопанисување со шумите.
Согласно член 95 од Законот за шумите за работите на проширена репродукција на шуми средства обезбедуваат: субјектите кои стопанисуваат со шумите во државна сопственост во висина од 3% од вредноста на исеченото дрво на франко камионски пат, сопствениците на шуми во приватна сопственост во висина од 3% од вредноста на исеченото дрво на франко камионски пат, како и правните субјекти што вршат промет на дрво во висина од 3% од вредноста на продаденото дрво и од Буџетот на РМ. Средствата за проширена репродукција на шумите се користат според годишна Програма што ја донесува Владата на РС Македонија. Согласно Програмата за проширена репродукција на шумите, средствата најчесто се користат за:
1. Пошумување на голини и ерозивни земјишта;
2. Отстранувања на последиците од шумски пожари во рамките на една шумско стопанска единица преку вештачка обнова;
3. Заштита на шумите и шумските култури од растителни болести и штетници;
Исплатата на средствата за реализација на работите од Програмата за проширена репродукција на шумите, се врши врз основа на склучени договори помеѓу Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и извршителите на работите и врз основа на документација за извршени работи.
Пошумувањата предвидени според Посебните планови за стопанисување со шуми се реализираат во неколку фази според предвидената динамика, обработка на почвата (механизирана или рачна обработка на почвата, а во зависност од теренските услови). Изборот на дрвните видови за пошумување на предвидените површини е според едафско-климатските и педолошки услови, адаптибилни за успешнa прифатеност и понатамошен развиток на садниците. Во зависност од надморската височина и географската местоположба на локалитетите се пошумува со дрвни видови кои се адекватни во согласност со педолошката структура на почвените и климатските услови.
За Шумите
Лов и ловен туризам
ЈП"Национални шуми" работи на целата територија на Р.С. Македонија, а работата се извршува во 30 подружници, со околу 1796 постојано вработени. Р.С. Македонија го зафаќа централното подрачје на Балканскиот Полуостров кое е испреплетено со речни долини, котлини и високи планини, кои достигнуваат до 2800м.н.в. и сето тоа овозможува услови за развивање и негување на ловот и ловниот туризам како профитабилна стопанска дејност, во ЈП"Национални шуми" има посебно место и интерес за негово унапредување и рационално искористување заради постигнување на поголеми финансиски ефекти.
Ловишта – Претпријатието располага со четири ловишта од кои две се државни ловиште ( “Лешница“ – Тетово и “Полаки“ - Кочани) и две ловишта под концесија и тоа : “Милисин“-Гевгелија и “Честово“-Валандово. Вкупната површина под ловишта со кои располага претпријатието изнесува 42.730 ха, од што на ловишта за крупен дивеч отпаѓаат 35.730 ха, а на ловишта за ситен дивеч - 7000 ха. Терените се со најразлични релјефни форми, богати со проточна вода и различни типови на шуми. Поврзани се со пристапни патишта и опремени со ловнотехнички објекти, а во некои ловишта и ловечки куќи со понуда на пансион. Во ловиштата можете да користите повеќе видови на услуги како: теренско возило, коњ, водичка служба, терачи на дивеч, куче, изнајмување на оружје и муниција или пак да го разгледувате ловиштето од ловечки чеки и снимате со камера.
Државно ловиште “Полаки”-Кочани
На 150 км од Скопје, на дел од јужните падини на Осоговските Планини, на вкупна површина од 15.250ха се наоѓа Државното ловиште “Полаки”. Разнообразноста на релјефните форми и големата висинска разлика (500-2.084м надморска височина), застапеноста на најразлични типови на шуми и изобилство на проточна вода во текот на целата година, овозможува зонално распространување и опстанок на повеќе видови на крупен дивеч како обичен елен, елен лопатар, срна, муфлон и дива свиња. Во ловиштето има оградена површина од околу 1.000 ха каде интензивно се одгледува и се врши застрел на крупен дивеч. Пристапноста со патишта и опременоста со ловнотехнички објекти овозможуваат брз и безбеден лов во оградениот дел од ловиштето преку цела година. Во ловиштето е сместен Ловниот дом “Пашаџиково” со корисна површина од 200м2 и капацитет за 10 особи. Освен ловниот дом, ловците може да бидат сместени и во објектите на зимско-туристичкиот центар “Пониква” кој се наоѓа во непосредна близина на ловиштето.
Државно ловиште “Лешница”-Тетово
Со површина од 12.400 ха и надморска височина од 978 - 2748 м. Структурата и составот на шумската и друга вегетација и изобилството на проточна вода претставуваат добри услови за опстанок и развој на многу видови на дивеч како што се: срна, дива свиња, мечка, рис и други. Планинскиот терен и прекрасните природни услови овозможуваат извонреден развој на дивокозата така што можат да се сретнат трофеи со висока вредност.
Ловиште “Честово”-Валандово
на површина од 7.000 ха Изобилството на храна, како и чистата проточна вода на Анска Река, овозможуваат идеални услови за развој на зајакот, еребица камењарка, полска еребица и фазан.
Ловиште “Милисин”-Гевгелија
На површина од 10.400 ха. Главни стопански видови на дивеч во ловиштето се срната и дивата свиња. Во ловиштето се наоѓа и ограден простор од 313 ха за интензивно одгледување и застрел на крупен дивеч (дива свиња, елен лопатар и срна).
За Шумите
ШУМСКИ ПОЖАРИ
Од аспект на заштита на шумите, а со оглед на нашите климатски услови, како најголем произлегува проблемот со заштита на шумите од пожари кои како деструктивен елемент се сметаат за елементарна непогода со која на шумскиот фонд му се нанесуваат повеќекратни штети. Податоците за настанатите шумски пожари се прибираат во текот на годината од Електронскиот систем MKFFIS, преку статистичките листови кои ги доставуваат подружниците и електронските Месечни извештаи за реализирани активности на шумочуварската служба.
Секторот за заштита на шумите, надзор и внатрешна контрола ја анализира и прикажува состојбата со настанатите шумски пожари во три категории:
- Според место на настанување на пожарот;
- Според количина на дрвна маса изгорена во пожарот;
- Според видот на опожарената шума.
Со воведување на поголемо присуство на терен и редовни контроли од страна на вработените и шумочуварската служба, како и поволните временски услови значително се намалува бројот на шумски пожари. Согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за шумите (Сл.Весник на РМ бр.160 од 31 октомври 2014 година), поради подобрување на мониторингот над шумските пожари, превентива, фактори и причинители, видот и големината на пожарот, учесниците во гаснењето и трошоците за гаснење, предизвиканите штети, во органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството се воспостави и води Единствен информативен систем и регистар за шумските пожари. Субјектите кои стопанисуваат со шумите се должни да ги собираат податоците за шумските пожари и најдоцна во рок од осум дена од денот на избувнувањето на пожарот за тоа да го известат органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството. Органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството собраните податоци треба да ги достави на домашните и меѓународните тела и институции на нивно барање. Следењето на настанатите пожари е преку електронскиот систем МKFFIS, преку статистичките листови кои ги доставуваат подружниците. ЈП“Национални шуми” со својата активност целосно е вклучено во воспоставувањето на Методологијата за мониторинг и процена на веројатност за ризик од шумски пожари, во консултација со домашни и странски експерти, а која се темели на елементи на ризик од шумски пожари и алатки за процена на ризикот. Со посебно софтверско решение изработено по принципите на Методологијата за мониторинг и процена на веројатност за ризик од шумски пожари се утврдува дневната опасност за појава на шумски пожари, како и следење на однесувањето на отпочнатите шумски пожари.
Согласно Закон за заштита и спасување (Сл.весник на РМ бр.36/04, 49/04, 86/08, 124/10, 18/11, 93/12, 41/14, 129/15, 71/16, 106/16 и 83/18), Закон за пожарникарство (Сл.весник на РМ бр.67/04, 81/07, 55/13, 158/14, 193/15, 39/16 и 168/17), Закон за шумите (Сл.весник на РМ бр.64/09, 24/11, 53/11, 25/13, 79/13, 147/13, 43/14, 160/14, 33/15, 44/15, 147/15, 7/16 и 39/16), Правилникот за посебните мерки за заштита на шумите од пожари (Сл.весник на РМ бр.82/15), и согласно Годишниот оперативен план кој го изработуваат подружниците при ЈП, при настанување на шумски пожар ЈП има обврска да дадe прв одговор со гасначи и средства за гаснење.
Од тука следува дека ЈП„Национални шуми“ има обврска да презема превентивни, подготвителни и директни мерки за заштита на шумите од пожари.
За Нас
Сертификација на шумите
- Резиме на ППСШ Емиричка река
- Резиме на ППСШ Малешевски Планини 1
- Резиме на ППСШ Малешевски планини II
- Резиме на ППСШ Пехчевска Река
- Резиме на ППСШ Витолишка шума
- Резиме на ППСШ Злетовска река-Пониква
- Резиме на ППСШ Стогово-Лопушник
- Резиме Плачковица - река Ломија