УСПЕШНА АКЦИЈА „26 ЦРЕШИ ЗА ТОШЕ“
Во близина на Манастирот „Св. Преображение“ кај Крушево, Во рамките на акцијата „26 ЦРЕШИ ЗА ТОШЕ“ што на национално ниво беше спроведена во 32 општини во државава, на 27 ноември 2009 година 26 цреши беа засадени во Општина Крушево.
Во спомен на Тоше Проески, садниците од сортата јапонска цреша со голема симболика беа засадени во непосредна близина на Манастирот „Св. Преображение“, каде што Тоше со голем ентузијазам го минуваше своето слободно време залагајќи се за побрза доградба и уредување на манастирот. Во засадувањето учествуваа: Наум Будовски - Пом. директор на ЈП „Македонски шуми“ – Сектор за одгледување, оперскиот пеач Борис Трајанов, инаку познат хуманитарец и екологист, Претседателот на Гранскиот синдикат на работниците од шумарството, дрвната индустрија и енергетиката – М-р Живко Митревски, потоа, Оливер Ромевски – близок соработник и личен пријател на Тоше, Градоначалникот на Крушево – Василчо Дамчески, претставници на Подружницата „Липа“ од Крушево, како и поголем број присутни граѓани и симпатизери на Тоше Проески. Организатор и носител на оваа пошумувачка акција која има и меморијално значење поврзано со ликот и уметничкото дело на Тоше Проески, е ЈП „Македонски шуми“. Јапонската цреша, инаку, е парковско растение и има декоративна функција. Според мислењето на стручњаците, овој вид украсно дрво успешно ќе вирее и во нашите климатско-почвени услови, па дури и на надморска висина од 1.500 м, на која се наоѓа Манастирот „Св. Преображение“ во близината на Крушево. Двегодишните стебла што беа засадени, имаат веќе добро развиен коренов систем, така што се очекува уште напролет успешно да ги развијат и своите крошни. Овие парковски растенија засадени на јужната страна од конаците, со својата убавина ќе го облагородат просторот во манастирскиот комплекс, кој од ден на ден сè повеќе се оформува.
Назад