АКЦИЈАТА „ДЕН НА ДРВОТО“ ЈА РАЗВИВА ЕКО СВЕСТА НА ГРАЃАНИТЕ И ЗАСЕГА ДАВА ОДЛИЧНИ РЕЗУЛТАТИ
ИНТЕРВЈУ СО ЖАРКО КАРАЏОСКИ, ДИРЕКТОР НА ЈП „МАКЕДОНСКИ ШУМИ“
Во акцијата Ден на дрвото во последните неколку години биле засадени над 50 милиони садници на површина од околу 30.000 хектари. Успешноста била над 60 проценти. Освен пошумувањето акцијата придонесувала за зголемување на еколошката свест кај граѓаните особено кај најмладата популација. Според директорот на ЈП Македонски Шуми, Жарко Караџоски, единствен одбранбен систем и механизам за здрава средина била шумата и таа требало да се негува најмногу што можеме. Со него поразговаравме за следната акција „Ден на дрвото“, кои видови на дрва и каде ќе се засадуваат, за дрвокрадството и за тоа колкава е еколошката свест кај нашите граѓани.
По кој пат се организира акцијата „Ден на дрвото“ во Македонија и што е она ново што може да очекуваме оваа година?
Акцијата започна да се организира од 2008 година, се до 2010 година се организираа по две акции во текот на годината, а од 2011 до сега се организира само по една акција во есенскиот период. Она што е најважно да се каже е дека таа акција дава резултати. Досега имаме пошумено преку 50 милиони садници, процентот на успешност е 60 проценти, што ни дава елан да продолжиме и понатаму. Од годинава акцијата е влезена и во програмата на Владата каде што имаме задолжение да пошумуваме минимум по 5 милиони садници годишно. Од година во година ние со ова пошумување ќе се спуштаме и во самите урбани средини. Се обративме до сите општини да ни дадат локации, во кој простор на градот сакаат да пошумиме и каков вид на дрво. Со тоа ќе ги разубавиме градовите, но и ќе помогнеме за формирање на чиста и еколошка средина. За почеток ќе започнеме од Скопје, бидејќи е еден од најзагадените градови, ќе садиме три вида на дрво, јасен, бреза и багрем, за кој што дрва е докажано дека имаат висок степен на абсорпција на штетни гасови и со нивното пошумување особено во градските средини ќе придонесеме за поголемо собирање на штетните материи. Тука пред се влегуваат оловото и другите тешки метали. Во нашите расадници секоја година ќе го зголемуваме тој број на садници и од Скопје ќе започнеме во сите други градови. Исто така започнавме со производство на Паулонија, брзо растечкото дрво, кое што во земјите на Еу се користи доста многу. Предноста е што тоа дрво многу брзо расти, може да се користи за техничка намена, а со тоа ги заштитуваме другите видови на дрва и го чуваме шумскиот фонд. За таа цел имаме договор со Владата за пошумување на паулонијата на специјални локации, таа неможе да живее на високи места, опстојува само во рамници каде има доста влага, нешто слично како тополата. Имаме такви парцели и локации, коритата на разни реки, и слично, кои ќе се уредат од една страна, а од друга страна од сето тоа ќе даде и некој економски бенефит.
Дали ќе има засадување и на некои поегзотични видови на дрва, најавувавте засадување на палми?
Да, оваа година во акцијата се вклопи и посадувањето на палми, тоа е проект на Влада, ние го објавивме тендерот кој е при крај. Се планира во неколку градови како што се Гевгелија, Дојран, Охрид, Струга и Скопје да бидат засадени овие палми. Ова се специјален вид на т.н. „влакнести палми“ кои можат да издржат и поголеми температурни разлики и до – 15 степени, доколку се одржуваат и заштитуваат, на пример како што е завиткување со најлон. Во Македонија има доста примери на засадени вакви палми кои опстојуваат веќе со години. Тоа е доказ дека критиките кои ги добивавме од некои страни не држат вода, затоа што се покажало дека палмите сепак успеваат кај нас. Грижата за палмите ќе ја дадеме на локалните самоуправи кои ќе ги одржуваат преку своите комунални претпријатија.
Кои други видови на дрва ќе се засадуваат во градските средини?
Тука се повеќе видови на дрва како што се туи и чемпрези кои се зимзелени дрва, ќе се засадуваат по парковите, имаме поширока лепеза на листопадни дрва кои се доста убави, кои можат да се засадат секаде што општините имаат потреба. Прилеп е еден меѓу првите градови во Македонија кои најмногу се одзиваат на акцијата „Ден на дрвото“, многу граѓани излегуваат и многу го сакаат тоа. Можеби тоа произлегува од тоа што секогаш во Прилеп имало многу дрва, булеварите мирисале на липите, и убаво е тоа што и понатаму го негуваме. Ќе бидеме присутни во сите градови, имаме 400.000 декоративни садници кои ќе ги распределиме во цела Македонија.
Колку ќе чини оваа акција ?
Тоа е сето наше производство, нас ќе не чини само тој трошок што го даваме за семето и обработката, бидејќи ние сега ги имаме 99 проценти од скоро сите видови на дрва кои ги одгледуваме во нашите 7 расадници. Имаме капацитет од околу 8 до 9 милиони садници годишно, и добро е што ги пошумуваме затоа што после три години садницата изумира и морате да ја пошумите. Штетата би била поголема да го расходоваме отколку да ги пошумиме. Трошокот не е толку голем колку она што го добиваме, а тоа е една здрава и еколошка средина.
Македонија беше страшно нападната од дрвокрадството во последниве неколку години што се презема на тој план?
Лесно е да се пресече дрво, тешко е тоа дрво да се одгледа и да порасне до таа ситуација во која сте го пресекле. Ние постојано апелираме за тоа, и влијаеме врз граѓаните да порасне свеста за тоа и тие да започнат да реагираат на оваа појава која е штетна. Неможевме да седиме со скрстени раце а да не реагираме и лично ме радува што започна акцијата „Гора“, и таа акција започна да дава резултати. Ние мора да разбереме дека треба да се работи согласно законот, неможе да влезете во шума, да крадите дрва, а да не сте свесни дека со тоа се уништува нашето здравје и се создаваат пусти предели. Доколку не се стопира тоа ние можеме за кратко време да заличиме на Калифорнија, како една пустина. Оваа година сме сведоци на многу дождови, претходно имаше доста суши, климата се менува и единствено нешто кое може да не спаси и од глобалното затоплување и од опасноста за нашата иднина е вегетацијата и богат шумски фонд. Ако не ја заштитиме шумата ги уништуваме сопствените идни генерации. Акцијата „Ден на дрво“ нас ни е промоција, тие 5 милиони садници се ништо во споредба со она што ние го садиме во текот на годината.
Колку садници годишно пошумува ЈП Македонски Шуми?
Само за акцијата „Ден на дрвото“ засадивме во последните неколку години над 30.000 хектари или околу 50 милиони садници. Тоа е само една акција која е промотивна за разбудување на свеста на граѓаните. И таа акција дава одлични резултати, особено кај најмладите кои од најрана возраст веќе разбираат што значи пошумување и екологија. Тие веќе и се грижат за тие дрва кои ги засадиле и по извесен период одат на тоа место за да видат до каде пораснало нивното дрво. Шумите во Европа не ги чува полиција, туку ги чуваат граѓаните со нивната свест. Ние мора да работиме на тоа и фокусирани сме на тоа. Инаку надвор од акцијата ние по закон мораме да пошумуваме онолку колку што и сечиме. Македонски шуми години стопанисува со шумите, а таа никогаш не е доведена до опасност. Значи ние работиме плански. Кај нас точно се знае кое дрво кога се сечи и како се сечи, за разлика од оние диви сечења на шумата. Еве пак ја користам приликата секоја ситуација која граѓаните ќе ја забележат на крадење на дрва да ја пријавуваат, и да не се дрзнуваат да купуваат крадено дрво бидејќи казните се огромни и за тие кои крадат дрва но и за тие кои купуваат крадени дрва. Казната е во висина и до 3.000 евра. Шумите секоја година се обновуваат природно некаде околу 50 проценти, тоа може да се види најдобро во оние појаси каде ретко одиме и каде има доста бујна вегетација.Таму има огромни дрва, а под нив растат сами по себе и мали. Таму веќе мора да се интервенира, за да може да растат и тие мали дрва. Тоа е научно сечење на шумата. Или некаде каде самите дрва се гушат мора да им дадете простор за да пораснат подобро. Македонија се уште има добри природни услови да го одржува шумскиот фонд. Картата на НАСА го потврди тоа, затоа што Македонија се уште спаѓа во една зона која е зелена, има добра вегетација, за разлика пример од Албанија која на картата е цела во црвена боја и каде практично има многу малку шума. За да не ни се случи тоа мора да се грижиме за шумите. Се вклучивме во таа системска акција да се спречи дрвокрадството, а во исто време ќе одат овие акции за пошумување. Најголемата штета ја прават и пожарите. Годинава сме среќни што немавме пожари поради временските услови. Но треба да се влијае врз свеста на граѓаните да бидат внимателни кога палат оган во шума, да не биде приоритет скарата па да си заминеш без да го изгаснеш огнот. Да не се фрла ѓубре кое потенцијално може да предизвика пожар. Времето тоа ќе го покаже дека единствен одбранбен систем и механизам за здрава средина е шумата и таа треба да се негува најмногу што можеме.
Превземено од : www.patokazmagazin.com.mk
Назад