Намалување на цената на огревното дрво во ЈП Македонски шуми
Генералниот директор на ЈП Македонски шуми, Жарко Караџоски на прес конференцијата одржана на 26.09.2012г. во складот на ЈП Македонски шуми во населба Драчево, рече:
"Целта на денешниов прес е да го елаборираме намалувањето на цените на огревното дрво. Пред се да кажеме дека ЈП Македонски шуми располага со доволно количини на дрвна маса во складовите во Скопје и државата, што значи дека сите заинтересирани граѓани кои сакаат да купат дрва од стовариштата на ЈПМШ, веќе од денес може да го сторат тоа и тоа по нова, намалена цена за 10 % за сите физички лица и 20 % за граѓаните корисници на социјална помош.
Напоменувам дека цената која што сега ја намалуваме е иста наназад 4 години, со тоа што ние имавме една акција минатата година за намалување на цената од 5 % за правни лица.
Тоа значи дека новата цена на буковото огревно дрво е 2133,00 денари за метар просторен, односно 1896,00 за лица корисници на социјална помош, а цената за дабово огревно дрво е 2205,00 денар за метар просторен, односно 1960,00 денари за лица корисници на социјална помош. Овие цени важат за целата грејна сезона почнувајќи од сега до 15 април 2013 година, за граѓаните кои ќе го користат дрвото за сопствени потреби. Корисниците на социјална помош можат да купат најмногу до 5 метри просторни огревно дрво.
Во јавноста кружат информации дека нема доволно дрва за продажба, затоа ние го одржуваме пресот во складот за сите да се увериме дека има доволно дрва. Дополната во складовите се врши редовно од подружниците од цела Македонија, а тоа што повремено се чувствува недостаток на огревно дрво, значи дека Скопје е голем пазар и подружницата ШС Караџица не може да ги исполни барањата во секој момент бидејќи нема доволно дрвна маса. Во складовите во Скопје, масовно се носи од подрачјето на Демир Хисар, Македонски Брод, Кичево, Берово со шлепери и со воз и се складираат во складовите. Ова ќе биде секојдневна пракса, се додека има потреба од огрев.
Да ја појаснам новата цена на огревното дрво. Значи, ова намалување од 10% и 20% важи за оние физички лица кои сакаат да купат дрво во готово на местото од каде што се купува. Корисниците на социјална помош ќе треба да донесат решение дека се корисници на социјална помош.
Од Владата имаме задолжение да објасниме дека одлуката не важи за правни лица, а се однесува и за оние граѓани кои веќе набавиле дрва или склучиле договори почнувајќи од мај, 2012. наваму, таму каде што се плаќа на рати, а имаат преостанати рати, намалувањето да им биде вкалкулирано во наредните рати.
Значи, ќе биде намалена цената, на ратите кои сеуште не се отплатени. На пример, доколку е извршена уплата за одредена количина на шест рати, а за плаќање се останати уште три, тие три последни рати ќе бидат по намалената цена. Ова појаснување го правиме, затоа што е логично дека ниедна одлука не може да важи ретроактивно. Нашите служби ќе направат проверка на сите уплати за огревно дрво од мај наваму и според тоа како се плаќале ратите, на остатокот ќе им биде одобрено намалување. Во Македонија дрво за огрев користат две третини од граѓаните и ние според тој податок секоја година произведуваме доволни количини огревно дрво за да се задоволат потребите на оваа категорија на граѓани. Така ќе биде и оваа година. Напоменувам дека овие цени важат за купување во склад.
Сметаме дека оваа мерка позитивно ќе влијае на стандардот на граѓаните на Република Македонија и не станува збор за популистичка мерка туку за реална мерка која нашето Јавно претпријатие може да ја спроведе."
Скопје, 26.09.2012.
ЈП Македонски шуми
Назад