Караџоски: Морав да укинам бенефити на работници, не сум делел откази
Директорот на „Македонски шуми“, Жарко Караџоски, негира дека донел одлука за отпуштање на 20 вработени во кавадаречката подружница на јавното претпријатие
Директорот на „Македонски шуми“, Жарко Караџоски, негира дека донел одлука за отпуштање на 20 вработени во кавадаречката подружница на јавното претпријатие, откако членот на извршниот одбор на СДСМ, Хари Локвенец на завчерашната прес-конференција објави документ потпишан од Караџоски, во кој пишува дека во оваа подружница се почнува постапка на консултации за престанок на работен однос на најмалку 20 работници.
Директорот Караџоски вели дека дописот воопшто нема врска со 1.600-те вработувања во претпријатието, туку се однесува на вработени во Кавадарци, Кичево и Крушево кои поднеле тужби до „Македонски шуми“ зашто не им биле исплатени теренски додаток и К-15 од 2010 до 2013 година.
- Ние, како и целата државна и јавна администрација бевме задолжени да ги почитуваме антикризните мерки на владата и да укинеме дел од овие бенефити. Моравме и затоа не ги исплаќавме. Во колективниот договор на вработените, пак, стои дека тие имаат право на овие поволности во ситуации кога претпријатието е во добивка и доколку исплаќањето на тие обврски не би го нарушило редовното работење на претпријатието. Ние покажуваме добивка во 4 години, ама мала и со неа ги санираме загубите од претходните години. Е тоа го објаснуваме во дописот што го злоупотребува Локвенец, укажуваме каква е состојбата, дека ги повикуваме согласно Законот за работни односи синдикатот да се вклучи во преговорите меѓу нас. Откако синдикатот се вклучи во преговорите, најдовме компромис за теренскиот додаток и сега немаме проблем - објаснува Караџоски.
Тој, сепак, додава дека има проблем со вработените во шумочуварската служба, за кои се размислува каде ќе бидат префрлени и што ќе работат, бидејќи со измени во законот, шумската полиција сега ги штити шумите од дрвокрадци.
- И за овие вработени, уште давам плати и треба да разговараме како да го решиме статусот на тие луѓе. Нема списоци, ни бркање од работа, ни Караџоски му дал на некого да одредува имиња - вели тој.