Дванаесетата по ред акција „Ден на дрвото “ успешно се реализира во сите делови на Македонија
Со Акцијата Ден на дрвото-Засади ја својата иднина, која есенва се одржа на 27.11.2013 година, Македонија ќе се збогати со уште 5 милиони дрвја со што ќе се надмине бројката од 45 милиони садници досега посадени само со акцијата „Ден на дрвото“.
Досега се пошумени некаде околу 4 илјади хектари површина, а со оваа акција ќе се пошумат уште 1200 хектари површина. Жарко Караџоски директор на Македонски шуми, кој посети повеќе локации каде се одвиваше акцијата, за медиумите изјави”
“Акцијата се одвива секаде во Македонија и покрај тоа што синоќа врнеше снег, тоа е добар знак. Снегот не е лош кога се пошумува. Дрвјата сакаат влага. Времето е идеално. Оваа недела е најавено дека ќе има врнежи од дожд и снег што гарантира дека имаме одлични услови за се што садиме да успее. Очекуваме висок процент на реализација и успешност, а исто така имаме голем одзив на граѓани во сите делови на Македонија и покрај ваквото време.”
Тој истакна дека за една ваква акција Владата годишно одвојува во просек по 50 до 70 милиони денари, но таа бројка е занемарлива во споредба со значењето на здравјето и белите дробови.
За успешноста на акцијата „ Ден на дрвото“ во изминатите години, директорот Караџоски рече, дека просекот на вкупната зафатеност е 61,54 отсто и тој просек не од Македонски шуми туку од инспекторатот за шумарство кој оди на лице место и дава извештај кој што Владата го прифака и тоа е официјалната бројка.
-Според Европскиот просек кој што се смета за успешен ако е над 35 отсто значи ние сме го надминале. А инаку тоа е за сите години, но имаме акции како во 2010 и 2009 година кога беше врнежливо и просекот беше над 75 отсто успешност, ја заврши својата изјава директорот на Македонски шуми.
Инаку, вработените од дирекцијата на ЈП Македонски шуми и ПШС Караџица од Скопје, ја координираа акцијата на засадување и зедоа активно учество на локацијата Мршевци, каде беше засадувањето на шумски видови. На теренот, на оваа локација беа присутни голем број на граѓани, ученици од средните училишта од Скопје, припадници на МВР, Армијата на РМ, неколку институции и јавни претпријатија. Присутните беа превезувани со автобуси на ГСП, кои постојано кружеа на неколку релации. На локалитетот Мршевци, дрво засади и Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, која ја поздрави Акцијата и го изрази своето задоволство од масовноста, квалитетот на извршените работи и придонесот на оваа акција во здравиот живот и подобрувањето на животната средина. Присутни беа и официјални претставници на организацијата Ден на дрвото-Засади ја својата иднина, како и градоначалникот на општина Илинден. Иако денот на пошумувањето го одбележи првиот снег, акцијата протече во во вистинска зимска идила на теренот огреан со зимско сонце и многубројните љубители на природата и поддржувачи на акцијата.
Пом.директор дипл.шум.инж.Игор Лазаровски одСЕКТОРОТ ЗА РАСАДНИЧКО ПРОИЗВОДСТВО, ОДГЛЕДУВАЊЕ, ПОДИГАЊЕ И ЗАШТИТА НА ШУМИТЕ во ЈП Македонски шуми, ја даде следнава ИНФОРМАЦИЈА за акцијата за пошумување “Ден на дрвото – засади ја својата иднина” есен 2013 година
За акцијата за пошумување “Ден на дрвото – засади ја својата иднина” есен 2013 година, ЈП Македонски шуми активно се подготви за реализација на истата, според техничко оперативните можности.
Во делот на шумско одгледни работи – пошумувањa ЈП Македонски шуми предвидува пошумување на површина повеќе од 1 150 ха, со засадување на 5 000 000 шумски садници. Пошумувањето со шумски садници на предвидените локалитети ќе се реализира од почетокот на Ноември се до моментот на поволните климатски услови и можности. Со есенската акција како и секоја година вклучена е и локалната самоправа – ЗЕЛС, Национални паркови и ЈП Јасен.
Со есенската акција како приоритети за пошумување се предвидени опожарени површини - последица од шумски пожари, голини во шума и вон шума во склоп на “Шумско стопанските eдиници”, локалитети во непосредна близина на урбани и рурални средини, локации покрај природни и вештачки езера на територијата на Република Македонија и државни патишта.
Во зависност од местоположбата и почвените услови локалитетите за пошумување за есенската акција ќе се подготваат механизиранo во кордони (орање), рачна обработка на површините и изработка на дупки со моторни дупчалки.
Изборот на дрвни видови за пошумување е во зависност од климатските услови, надморската височина и фенологијата на садниците.
Според доставените известувања од страна на општините, дел од општините се приклучуваат на локациите предвидени од страна на Македонски шуми, а дел предложија свои локации кој ќе се подготват од нивна страна а шумските садници ќе ги преотстапи ЈП Македонски шуми од своите расадниците.
Оваа есен со помош на општините и граѓаните ќе се вклучат во пошумувањето за да се уредат хортикултурно поголеми урбани површини со декоративни садници (лисјари и четинари). За оваа цел ќе засадат повеќе годишни садници од над 35 дрвни видови. (даб, питом и див костен, јасен, јавор, каталпа, дива маслинка, липи, смрча, чемпрес, црн орев, багрем, бреза, бор, дуглазија, туја и други)
Владата на Република Македонија, на својата Сто педесет и осмата седница, одржана на 29.10.2013 година ја усвои информацијата за реализација на акцијата за пошумување од страна на Македонски шуми со следните заклучоци и тоа:
- Површини за пошумување – 1.150ха – 5 000 000 броја на шумски садници
- Општини на ниво на град Скопје со преотстапување на 81.800 броја на разновидни шумски садници
- Општини низ државата, Национални паркови и Јасен – 78.930 броја на шумски садници
- ЈП за Државни патишта ( а.чемпрес и леандри) – 21.630 броја
- Охрид, Струга и Дојран покрај езерското крајбрежје со медитерански дрвни видови и тоа палми и леандри – 1.250 броја.
ЈП Македонски шуми во период од 2007 – 2012 година со акциите за пошумување “Ден на дрвото - засади ја својата иднина” има засадено т е пошумено над 51 432 310 шумски садници и тоа на приоритетни локалитети на територијата на Република Македонија, а со цел за зачувување и воспоставување на составните делови на биолошката и пејзажна разновидност на македонските шуми преку интегрирањето на целите на заштитата во шумарската пракса.
Назад