Механичко чистење на боров четник
Последниве две недели во шумско стопанската единица Црн Врв, оддел 44 со која стопанисува подружницата Куманово од Куманово се спроведува акција за механичко чистење на боров четник со телескопски ножици во црнборови насади на често непристапни терени. Механичкото чистење на боров четник се спроведува на површина на околу 20 ха, после тоа гранките се спалуваат и се покриваат со земја. Акцијата се спроведува од страна на вработените и во неа учествуваат шумочуварската служба, шумските работници, шумарските инженери и шефот по заштита на шуми и ќе продолжи и во месец март.
Боровиот четник е инсект кој претставува најголема опасност за боровите насади, на Балканот е многу распространет и почесто се сретнува во монокултурни насади на шума. Во нашите шуми често ги напаѓа борови насади кои имаат антиерозивна улога како насипи, покрај патишта и акумулации. Боровиот четник се јавува во долните региони од 500- 600 м.н.в. додека на повисоки надморски височини има само поединечни дрвја кои се особено погодени и можат да бидат целосно покриени со гнездата.