Лов и ловен туризам
Ловството како посебна профитабилна дејност е тесно поврзана со основните дејности на ЈПНационални шуми и има посебно место и интерес за негово унапредување и рационално користење заради постигнување на поголеми финансиски ефекти. Јавното претпријатие стопанисува со 2 ловишта за крупен дивеч, со вкупна површина од 25.650 ха, од кои едно е државното ловиште Полаки-Кочани и едно е ловиште под концесија Милисин-Гевгелија. Терените во ловиштата се со најразлични релјефни форми, богати со проточна вода и различни типови на шуми. Поврзани се со пристапни патишта и опремени со ловнотехнички објекти, каде во оптимални услови се одгледуваат, размножуваат, заштитуваат и ловат обични елени, елени лопатари, срни, диви свињи и друг дивеч. На 150 км од Скопје, на дел од јужните падини на Осоговските Планини, на вкупна површина од 15.250 ха се наоѓа државното ловиште "Полаки". Во ловиштето има оградена површина од околу 1.000 ха во должина од околу 25 км, која служи за интензивно одгледување и застрел на крупен дивеч.
Разнообразноста на релјефните форми и големата висинска разлика (500-2084м надморска височина), застапеноста на најразлични типови на шуми и изобилство на проточна вода во текот на целата година, овозможува зонално распространување и опстанок на повеќе видови на крупен дивеч. Во 2018 и 2019 година преземени се мерки за санирање на состојбата во ловиштето и мерки за подобрување на бројната состојба на дивечот, со зајакнување на техничките и човечките капацитети на вработените во ловиштето, преку Програмата за зачувување на природата и проектот за Градење капацитети за одржлив ловен туризам и одржливо управување со дивиот свет на дивечот во ловиштето Полаки, кое е дел од заштитеното подрачје. Со набавката и поставувањето на објектите и средствата од проектот обезбедено е зајакнување на капацитетите на вработените во ловиштето, можности за мониторинг на дивечот, а со тоа и следење на состојбата на популациите на дивечот во ловиштето, зголемен број на популација на видовите особено горскиот елен, можности за зголемување на ловот и ловниот туризам.