Обновување на зелените површини за здрава животна средина
Согласно вонредната програма на ЈПНационални шуми со симболичен почеток на пошумувањето во село Теново, се означи сезоната на пошумување на опожарените површини. Во периодот кој следи ќе се пошумува и на други локации согласно планот кој Национални шуми го изготви во соработката со Владата.
Целта на пошумувањето е да се санираат штетите од пожарите кои се случија ова лето и да се зазеленат голините на планините утврдени како редовна активност за пошумување. На настанот во атарот на село Теново, во Општина Брвеница, присуствуваа Претседателот на Владата на РСМакедонија Зоран Заев, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа и директорката на ЈП Национални шуми Јулиана Николова, како и вработени во подружницата од Лешница-Тетово.
„Со интензивното спроведување на програмата за пошумување ќе ги обновиме зелените површини, а со тоа ќе се допринесе и за подобрување на состојбата на земјиштето, за намалување или сопирање на ерозивните процеси. Владата ќе го следи активно овој процес и во секој момент, доколку се покаже за потребно, ќе учествува во дополнување на програмата на Јавното претпријатие „Национални шуми” за посеопфатна и целосно успешна реализација на пошумувањето, изјави претседателот на Владата Зоран Заев.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа истакна дека министерството го следи европскиот тренд кој е насочен кон еколошки мерки, користење на енергија од обновливи извори и рационално користење на природните ресурси како и нивно континуирано обновување. Грижата за шумскиот фонд, одгледувањето и рационалното користење, спречувањето на дивата и непланска сеча на шумите, обезбедува нивно трајно зачувување во насока на одржлив развој и унапредување на животната средина.
Директорката на ЈП „Национални шуми” Јулиана Николова во својата изјава истакна дека садниците за пошумување се од домашно производство и ги исполнуваат потребните стандарди за успешно пошумување со цел обновување на овој наш важен природен ресурс, на сите површини кои во минатото биле деградирани, опожарени или зафатени со процесите на ерозија.Со оваа акција се придонесува кон еколошките заложби на државата и ЈП Национални шуми. Зголемувањето на зелените површини е од огромно значење за зачувување на биодиверзитетот, за здравјето на населението и за ублажување на ерозивните процеси и поплавите.
Изјава на Јулиана Николова, Директорка на ЈП “Национални шуми”
Назад