Намалување на цената на огревното дрво во ЈП "Македонски шуми"
На 18.10.2011г., во просториите на дирекцијата, конференција за печат одржа генералниот директор на ЈП "Македонски шуми" Жарко Караџоски.
Тема на оваа конференција беше цената на огревното дрво. Имајќи предвид дека дрвото е најевтин и најбаран енергенс во државата, ЈП "Македонски шуми", врз основа на одлука на Управниот одбор на јавното претпријатие, ја намали цената на огревното дрво на складовите на ЈП "Македонски шуми".
"Цел на оваа прес конференција е да ја запознаеме македонската јавност и граѓаните дека во пресрет на грејната сезона која започна на 15-ти овој месец, ЈП "Македонски шуми" излезе со еден пакет на одлуки и мерки со кои што ќе придонесе буџетот на граѓаните да биде помалку оптоварен. Наспроти сите шпекулации кои можевме деновиве да ги слушнеме, во смисла на тоа дека цената на огревното дрво ќе расте или дека веќе поскапело, ЈП "Македонски шуми" од 15 октомври, со одлука на Управниот одбор на ЈП "Македонски шуми", цената на огревното дрво ја намали за 5%, или изразено во бројки, ако до сега дабовото огревно дрво било 2450,00 м.п.р., беше 2450,00 денари, нова цена е 2300,00 за мпр. Додека буковото огревно дрво кое до сега беше 2370,00 денари, сега ќе биде 2200,00 мпр.
Oвој попуст од 5% е во пресрет на грејнaта сезона како добра вест за граѓаните дека ЈП "Македонски шуми" се грижи за буџетот на граѓаните. Дрво за огрев има доволно и нема место за никаква паника.
На сите граѓани кои склучиле договори со нас, дрвата ќе им бидат испорачани и нема да има простор за паника. Оние граѓани кои што ќе уплатат овие денови во готово, на количината која што ќе ја побараат ќе добијат 5% попуст. Оваа одлука важи до 31. декември оваа година."
Генералниот директор на ЈП "Македонски шуми" го најави планот за продажба за 2012г. и притоа рече:
"Што се однесува за плановите за наредната година, уште сега можеме јавно да објавиме дека немаме намера да ја зголемиме цената на огревното дрво и апсолутно, нашата намера е да го растовариме буџетот на граѓаните. Во споредба со сите други енергенси кои што поскапеа, ЈП "Македонски шуми" ќе придонесе во намалувањето на трошоците во производството на дрвото, а не со зголемување на цената. За наредната година планираме стимулација кај граѓаните, но и кај сите правни лица кои сакаат да купат огревно дрво, дека во однос на количината која што ја има договорено ќе дадеме рабат од 2% за купувачите кои имаат побарувачка до 1000 м3, а над 1000 м3 добиваат рабат до 5%. За сите пензионери, здруженија на пезионери, трудови инвалиди од почетокот на 2012 година рабатот ќе биде 4%. Новина е тоа што до сега беше 2%, а сега го зголемуваме за цели 2 проценти.
Уште една новина, значи целата продажба ќе се врши од складовите на ЈП "Македонски шуми". До сега имаше разни начини на продажба на огревно дрво, а сега ќе се продава само од складови. Секој кој сака да купи огревно дрво, може да појде до најблискиот склад на ЈП "Македонски шуми" од каде дрвата и ќе се подигаат.
Тоа се новините во продажбата на огревното дрво како енергенс кој според цените на пазарот е најисплатлив и ние имајќи ја предвид бројноста на граѓаните кои се греат на дрва одлучивме да го олесниме оптоварувањето на буџетот на секој граѓанин. Мислам дека ова е исклучително важно за граѓаните, особено во овој период на нагло заладување на времето и ние не сакаме да ги оставиме неподготвени за грејната сезона, инаку ценовната политика на ЈП е ако и досега огревното дрво беше најевтино, сега ќе биде уште поевтино и подостапно на граѓаните, на сметка на сите оние енергенси кои поскапуваат."
На новинарско прашање за количината огревно дрво која се испорачува на пазарот и колкави се потребите на пазарот, директорот одговори:
"ЈП "Македонски шуми" секоја година произведува 600-700 000 м3 дрва. Таа количина ја имаме секогаш на лагер, а ако треба и повеќе. Вкупната побарувачка на граѓаните е поголема, но секој има право да бира од каде ќе купи огрев. Оваа година има мал пораст на побарувачката во Република Македонија, веројатно заради високата цена на другите енергенси, што е логично, инаку во ЈП "Македонски шуми" побарувачката е иста како и минатата година. "
Назад